Владеачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение побара од ДУИ да прекине со манипулациите. Тврдат дека „едно зборуваа кога беа на власт, а сега во опозиција друго“, во однос на употребата на балансерот.
-Да ги потсетиме ДУИ, кога беа на власт усвоија Стратегија за реформи во администрација за 2023-2030 година. Во истата констатираат дека балансерот како алатка се злоупотребува и треба да се укине. И Брисел порача и тоа јасно дека балансерот треба да се укине. Како за ДУИ во 2023 година балансерот се злоупотребувал, а сега е неопходен?!, прашуваат од партијата на Христијан Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека во ДУИ „сега ја сменија песната затоа што се во опозиција и имаат слободно време и гледаат само како да напаѓаат“.
-Сега од ДУИ гледаат само како да направат незадоволство, да дестабилизираат, односно како да го одвлечат вниманието од главната тема, а тоа е дека нивните функционери треба да одговараат, стои во партиското соопштение.
До овој момент до Владата нема пристигнато предлог-решение за правична застапеност, потврди портпаролката на Владата, Марија Митева. Најави дека за новото законско решение, прво ќе се разговара во рамки на коалицијата и ќе се отвори широка дебата. Пред да биде поднесено до Собранието ќе се бара мислење и од Венецијанската Комисија.
Според вицепремиерот Изет Меџити, во подготовка на предлог-законот ќе биде вклучена академската фела, се со цел истиот да претставува долгорочно решение и да не биде оспорен од страна на Уставниот Суд.
Според Левица, со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, балансерот ќе стане закон.
Минатата недела Уставниот суд ја донесе одлуката за укинување на балансерот, алатка за вработување според националната припадност во државните институции.