Бројките на ММФ покажуваат дека СДС ја води државата во економска пропаст со двоцифрена инфлација и слаб раст. ММФ прогнозира 10% инфлација за Македонија за 2023, а СДС со розеви наочари гледаат 5%, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопштение од СДСМ.
Од најголемата опозициска партија обвинуваат дека по економски раст сме позади Косово, Албанија и Црна Гора.
-Сите три држави од нашето опкружување имаат економски раст за 50% поголем од Македонија. Пресовите на СДС се како провоцирање и свесно подбивање со граѓаните, особено што до крајот на година ќе имаме над половина милион луѓе кои живеат во сиромаштија, порачаа од „Белата палата“.
Претходно од СДСМ соопштија дека мерките за намалување и замрзнување на цените на основните прехранбени продукти со ‘гарантирана’, директно влијаеа за заштита на стандардот на народот но и за намалување на инфлацијата.
-ММФ ги подобри проекциите за македонската економија и предвидува стапка на раст од 2,5% годинава и 3,2% за 2024 година. Проекциите на ММФ се дека растот на БДП во земјава ќе биде поголем од оној на Србија, Бугарија Словенија, како и за 1,8 проценти повисок во однос на просекот на ЕУ, рекоа од „Бихаќка“.
ММФ во својот последен извештај вели дека високата инфлација и високите каматни стапки се ризик за глобалниот економски раст, кој ќе биде значително помал од првичните прогнози, а инфлацијата нема да се врати на посакуваното ниво до 2025.
За Македонија економистите пресметаа годишниот раст на економијата оваа година да биде на ниво од 2,5 отсто, глобално економијата ќе порасне за 3 отсто, кај развиените економии растот ќе се движи околу 1,5 проценти, а во земјите од еврозоната тој би изнесувал 0,7.