ВМРО-ДПМНЕ ја критикува ДУИ по нивната реакција на говорот на премиерот Христијан Мицкоски. Од најголемата владеачка партија велат дека „ДУИ, партијата која ја претвори Македонија во своја приватна компанија, сега се дрзнува да зборува за поделби“.
-Истата таа ДУИ која 20 години ги делеше Албанците на „наши“ и „непријатели“, Македонците на „корисни и непослушни“, државата на „нивна“ и „втора класа“?
Но нема повеќе молк пред криминалот и ароганцијата. Денес, кога државата конечно се ослободува од канџите на мафијата на ДУИ, нормално е да викате. Ви пречи што нема повеќе тендери по телефон, што судии не ви слугуваат, што обвинителите не ви се соучесници, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно од ДУИ го критикуваа денешниот говор на премиерот и неговата политика ја споредија со политиката на Слободан Милошевиќ. Партијата на Али Ахмети оценува дека ваквата реторика не само што е штетна, туку веќе има обратен ефект – таа ги обединува Албанците, вклучително и политичките опоненти, во одбрана на нивното достоинство и политичка автономија.
-Упатуваме итен повик до моноетничката влада веднаш да го прекине овој опасен тренд и да ги врати механизмите на еднаквост и правда во државните институции. Што се однесува до т.н. остатоци од ВЛЕН во Владата, јасно е дека никој не ги прашува, ниту пак им бара мислење за каква било институционална одлука. Тие немаат ниту влијание, ниту авторитет, рекоа од ДУИ.
Разочаран од постапките на доскорешниот партнер Таравари, Мицкоски денеска сепак му посака среќа во партнерството со ДУИ. Со ова вели тој покажа дека не бил заинтересиран за идеја, визија и промени туку за нешто друго. Оцени дека партнерството помеѓу Алијанса и интегративците ќе трае сè додека Таравари не добие подобра понуда. Доколку продолжи ваквата практика, Мицкоски прогнозира распад на крилото на Алијанса и претопување во ДУИ.