ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во македонскиот судско-обвинителски систем поради неотворањето истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби откако тој пред два дена се најде на американската црна листа. Обвинуваат дека „судиите и обвинителите се заортачени со СДСМ и ДУИ“. Според најголемата владеачка партија, „СДСМ и ДУИ со години во правосудниот систем си поставуваа судии и обвинители по нивна мерка, кои ќе работат во нивна корист, наместо за општото добро на државата и граѓаните“.
-Криминалните дејствија успеа да ги види и за нив да обезбеди докази нашиот стратешки партнер САД, но тоа не можат да го видат нашите октроирани и од СДС и ДУИ поставени обвинители. Со секој изминат ден во кој нема истражна постапка за утврдување на криминалните дела сторени од Артан Груби, Јавното обвинителство го пробива секое дно и ја поткопува и така ниската доверба од граѓаните, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Црната листа не е затворена, на неа може да се најдат и други имиња – став на американската амбасадорка откако Стејт департментот ги стави Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа. Тие се сомничат дека примале мито за да влијаат во епилог од судски процеси поврзани со поранешниот шеф на УБК – Сашо Мијалков.
Агелер вели дека САД ќе ги повика на одговорност сите поединци кои ги подриваат демократските вредности.
-И покрај половина милијарда долари вложени во македонското правосудство, корупцијата има епидемиски размери, оценува амбасадорката.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека многупати до сега зборувал за вмешаност во корупција на функционери од ДУИ, а сега потврда има и од стратешките партнери.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека не смееме да останеме мирни во однос на црните листи и побара обвинителството да постапи по допрен глас.
Од Коалицијата ВЛЕН пак ги повикаа членовите на ДУИ да го напуштат, како што рече, корумпираниот брод што тоне.
Од ДУИ велат дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот и како партија остануваат посветени на стратешката соработка со САД и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста.