ВМРО-ДПМНЕ: Патоказот кој го понудивме е добра основа за постигнување консензус околу излез од кризата

од Vladimir Zorba
194 прегледи

 

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение истакнува дека е крајно време СДСМ да престане со деструктивното однесување и да сфати дека прифаќањето туѓи платформи само за поединци од криминогеното раководство на СДСМ да се спасат од одговорност за криминалите ја водат државата во погрешна насока.

– Никој нема право да тргува со интересите на Република Македонија и да ја става во залог иднината на државата само заради гола борба за власт. Патоказот кој го понуди ВМРО-ДПМНЕ е добра основа за постигнување консензус околу излез од кризата, стои во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Убедени сме, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, дека со чесен пристап, откако ќе одговориме на отворените дилеми, ќе го имаме и одговорот во која насока треба да го бараме излезот од сегашната ситуација.

– Да се усогласиме дали важноста на политичката пракса за коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата дали како таква треба да опстои или се отфрла сега и во иднина. Доколку се отфрла тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор, се истакнува во партиското соопштение.

Ова е неопходен предуслов со цел, како што истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, да одбегнеме двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции, обичаи, зависно од изборните резултати.

ОД ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди за државата и дали при конституирање на Собранието, сегашното, но и во секој иден состав, позицијата претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следело на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување.

Од партијата меѓу другото прашуваат и дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и европските реформи за евроинтеграции како обединителна сила за сите граѓани или пак сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласуваат во соопштението, има изградено позиции по овие прашања кои што се водат од заедничкиот интерес на државата и на сите нејзини граѓани без оглед на нивната етничка или политичка припадност.

– ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли уцените и ја отфрли Тиранската Платформа. ВМРО-ДПМНЕ во процесот на преговори и јавно соопшти дека нема намера да формира влада по секоја цена, нагласуваат во соопштението, додавајќи дека ја разбираат загриженоста која стотици илјади граѓани секојдневно ја покажуваат низ целата земја.