ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски се фалеше дека добивал поддршка од лик како Ковачев

од Nikola Popovski
175 прегледи

Продолжуваат обвинувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за фотографијата на кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова и бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев. Откако вчера од партијата на Христијан Мицкоски информираа дека сликата е стара најмалку пет години, денеска ја поврзаа темата со актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски.

-Андреј Ковачев во Софија и Брисел ја користеше изјавата на Пендаровски како клучен доказ и поткрепа на неговата реторика дека Гоце Делчев е Бугарин. Со оваа бесрамна изјава Пендаровски им даде ветар во грб на негаторските кругови во Софија и тоа е една од неговите најголеми стратешки грешки. Едноставно Пендаровски му ги исполни влажните соништа на Андреј Ковачев и луѓето како него, обвинија утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Второ, додаваат од партијата, да биде поголем автоголот на СДС, истиот нивни пријател Андреј Ковачев го издвојува ВМРО-ДПМНЕ како најголема пречка на неговата негаторска и ревизионистичка политика.

-Трето и најскандалозно, Стево Пендаровски со гордост се фалеше дека добивал политичка поддршка од еден лик како Андреј Ковачев. Затоа СДС треба уште денес да го прашаат Пендаровски какви му биле релациите со Андреј Ковачев, дали Ковачев го поучувал за етничката припадност на Гоце Делчев и дали Пендаровски го “продаде евтино“ Гоце Делчев за една политичка поддршка од Ковачев?, прашаа од партијата на Мицкоски.

Гордана Силјановска заедно со делегација на ВМРО-ДПМНЕ е на конгресот на ЕПП во Букурешт, а СДСМ вчера објави фотографија на која е заедно со Ковачев и со тврдење дека тоа е „потврда дека блокирањето на иднината на државата им е заедничка цел“.

-Наместо да се правдаат и напаѓаат ДПМНЕ и Силјановска нека одговорат дали Силјановска се согласува со изјавите на Ковачев за Гоце Делчев, прашаа вчера од партијата на Димитар Ковачевски.

Слични содржини