ВМРО-ДПМНЕ утрово преку својот портпарол Наум Столиковски побара неотповиклива оставка на Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а владата да и ги одземе ингеренциите за јавниот градски превоз во Скопје и да се подмири долгот кон приватните превозници.
„Смачена им е на скопјани. Данела Арсовска покажа целосна неспособност да управува со Скопје, покажа целосен недостаток на слух за проблемите, и со својата лукративност предизвика хаос во Скопје. Градоначалник на Скопје не смее да бега од скопјани и медиуми, не смее да не се обиде да ги надмине проблемите, и уште повеќе не смее да биде главна причина за хаос во градот! Бараме владата да и ги одземе ингеренциите на Данела Арсовска за јавниот превоз, но и да го реши проблемот со исплатата на долгот од еден и пол милион евра, да ги обештети приватните превозници коишто протестираат и тие да се вратат на дејноста“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП. Основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Оттука, Градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеа да оспособи 130 автобуси од флотата на ЈСП со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на Скопје добиваат подобра, поефтина, сигурна и стандардизирана услуга“, соопштија пак од Град Скопје.