ВМРО-ДПМНЕ повика на реакција од меѓунардоната заедница за Законот за ЈО, нема да присуствува на другите седници

од Aleksandar Todeski

Слугите на Заев денес се надминаа себеси. Законот за Јавно обвинителство не помина. Тие пробаа криминално да го донесат. Она што се случи потоа е погазување на демократијата, рече координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Замислете Законот за Јавно обвинителство не го доби потребниот број на гласови, добија 74 гласови и ова гласање беше поништено. После десетина минути беше пак ставен на гласање. Како никаде во светот, имавме гласање и поништување на гласање. Ова веќе не е демократија, ова е апсолутизам на деспотот Заев. Ваквиот Закон не смее да биде потпишан од претседателот Пендаровски и го повикуваме да не го потпише“, рече Мицевски.

Тој посочи дека ќе биде огромен скандал ако се легализира Законот за Јавно обвинителство, прашувајќи дали се ова европски вредности.

„Ова се работи кои се повеќе не оддалечуваат од европската определба и повикуваме на осуда и реакција од европската заедница. Оваа лакрдија мора да заврши. Веднаш треба да се распишат изборите“, рече Мицевски.

Координаторот рече дека нивната пратеничка група ќе биде присутна во Собранието, но не во пленарната сала, а ќе влезат во салата само за гласањето за распуштање на Собранието. Тој додаде дека тие се тука за распуштање на Собранието и за ништо друго, па без да дозволи да се постават повеќе прашања, целата пратеничка група ја напушти прес салата.

А.Т.

Слични содржини