ВМРО-ДПМНЕ повторно ја нападна Кацарска, велат дека „го изгубила кредибилитетот кога пресудила 200 години затвор за 27. април“

„Судската тога и наметка не ја прави добар судија, туку одлуките со кредибилитет кои Кацарска ги нема“, одговорија остро од најголемата владеачка партија

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Принтскрин/МИА

„За да е нападнат нечиј кредибилитет, судијата треба да има кредибилитет“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопштение од Уставниот суд.

Според најголемата владеачка партија, судијката Добрила Кацарска „го изгуби во времето кога судеше 200 години затвор за 27 април и стана преку ноќ уставен судија со што покажа дека е обичен апаратчик на минатата власт“.

-Таа не само што беше поддржувач на неправдата, туку нејзин активен чинител.  А судската тога и наметка не ја прави добар судија, туку одлуките со кредибилитет кои Кацарска ги нема, порачаа преку остар одговор од партијата на Христијан Мицкоски.

Претходно од Уставниот суд ги оквалификуваа како недозволиви тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“. Според Уставниот суд, ваквите тези создаваат погрешна перцепција за работата на институцијата.

Инаку, реакцијата на Уставниот суд доаѓа откако вчера на Комисија за финансирање и буџет во Собранието, пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ „преку Кацарска врши опструкции со линеарното покачување на пензиите“.

Уставен суд: Тезите дека „СДСМ преку Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепција