Пратениците од СДС и ДУИ да гласаат за продолжување на важноста за пасошите, ако не нека се откажат од дипломатските пасоши, со кои се привилегирани додека народот е затворен, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, СДСМ и ДУИ заглавија над 1 милион луѓе во Македонија.
-Ако СДС и ДУИ не гласаат за продолжување на важноста на пасошите, тогаш чесно е сите нивни пратеници и функционери да се откажат од дипломатските пасоши, а не додека народот страда, тие да ги користат привилегиите на позициите. Со право народот вели дека немаме држава, и таа треба да се врати, стои во партиското соопштение.
Пред два дена беше соопштено дека стигнати се 20.000 обрасци, а до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка, како и во јуни. Ова го изјави дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Освен Швајцарија, која официјално дозволила транзит на македонски државјани со стари пасоши, Босна и Херцеговина забранила, а другите европски држави не се знае уште колку време ќе толерираат.
За СДСМ, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е само замајување на јавноста.
Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари во 2019 година, со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови, согласно Договорот.