ВМРО-ДПМНЕ со предлог Резолуција до Собранието на Република Македонија, „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“. Според партијата, со оваа Резолуција се става крај на, како што велат, манипулациите на СДСМ за мигрантите и организираната и координирана кампања од страна на опозицијата, која влева несигурност и паника меѓу граѓаните.
Од партијата на власт порачуваат дека лажните сценарија на СДСМ паѓаат во вода, државата има јасна политика против нелегалната миграција, нема мигрантски кампови има Резолуција која носи стабилност и сигурност.
-ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната Влада на Зоран Заев, со која беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државните интереси.
Резолуцијата е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на Владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи.
Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш, порачуваат од најголемата владејачка партија и ги повикуваат сите политички партии да ја поддржат.