Членовите на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Никола Попоски и Илија Димовски денеска презентираа манифест за единствена Република Македонија, во просториите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Милошоски, „патоказот“ кој беше промовиран пред неколку дена се однесува на актуелната политичка состојба и надминување на кризата, додека манифестот е документ со насоки, начела и принципи кои се однесуваат за владеењето во следните 15 години.
„Поттикнати од силна желба да живееме во успешна земја со пазарна економија, заснована врз знаење, умеење, претприемништво, креативност и праведност, предлагаме национално обединување околу Манифестот за единствена Република Македонија,“ изјави Милошоски.
Тој додаде дека „тргнувајќи од оваа обединувачка замисла за државата, нивната мисија е да обезбедат иднина на нашиот народ во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко европско семејство“.
„Прв принцип е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип владеење на правото за успех на државата и четврт принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин,“ изјави Милошоски.
За реализацијата на мисијата, членот на извршниот комитет Никола Попоски го истакна воспоставувањето на редовен дијалог помеѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес.
„Членството во ЕУ и НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде природно припаѓаме. Со цел да обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање на европски регион помеѓу Македонија и соседните земји за подобро користење на ЕУ-фондови, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори,“ рече Попоски.
Во промоцијата на принципот „право наспроти сила“, Попоски го истакна признавањето на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права кои мора неселективно да важат за сите.
„Истото е предуслов за надминување на наметнатата разлика околу името. Разликата се наведува како причина за блокада на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Оттука, може да се надмине единствено како дел од пристапниот процес, врз база на стекнатото право на Унијата и меѓународното право, вклучително и пресудата на Меѓународниот суд на правда во 2011 година,“ изјави Попоски.
Во однос на името, истакна дека нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име.
„Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение,“ изјави Попоски.
Членот на извршниот комитет Илија Димовски, изјави дека мора да се спроведе попис со цел квалитетно планирање на политиките како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми.
„Пописот мора да е статистичка, а не политичка операција кој ќе се води строго според методологијата на европската статистичка агенција „Еуростат” и Организацијата на Обединетите Нации,“ изјави Димовски.
Тој исто така истакна дека „сите избрани и именувани функционери имаат обврска за отчетност при извршување на државните задачи.“
„За напредок на државата е потребна долгорочна политичка стабилност. Тоа може да се постигне преку мерки за поголема политичка стабилност како бонус од 20 пратеници за победникот на парламентарни избори, во рамките на сегашниот број на пратеници и согласно Уставот или пак со воведување на мнозински изборен модел,“ рече Димовски.
Тој исто така додаде дека, „неопходно е национално обединување околу целите за подобра економија, повисок раст, повеќе инвестиции, поуспешни претприемачи, новоотворени работни места за нашите граѓани, затоа што тоа е навистина најпотребно.“/МЕТА