„Тоа што Пендаровски јавно пласира навреди за САД и за нивниот новоизбран претседател може да се смета и како имплицитен став на СДСМ, но и како слобода на говорот. Сепак, владата на секоја демократска држава, во случајов САД, е прашање на избор на американските граѓани и Пендаровски, без разлика што е близок со тимот на Сорос, нема право да го оспорува демократскиот легитимитет на претседателот и владата на САД“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешниот настап на екс претседателот Стево Пендаровски на ТВ Сител.
„Македонија и САД во 2008-ма потпишаа документ за стратешко партнерство и тој взаемно-корисен однос треба да се одржува и продлабочува, без разлика на менувањето на владите и претседателите во двете земји. Затоа Пендаровски, ако не може или не сака да И помага на Македонија на меѓународен план, барем нека не И одмага, како во времето кога главни советници за надворешна политика му беа Фрчкоски, Ана Чупеска и Артан Груби, како експерт за пари и ресурси!“, реагира Милошоски.
Се јави и Александар Николоски на Фејсбук.
„После 10 месеци реши да се појави во јавност и да го напаѓа Премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката на САД и Претседателот Трамп. Пендаровски кој иако вети не се откажа од доживотна пензија на грб на граѓаните, го напаѓа Претседателот на нашиот стратешки партнер број 1. Арогантно дели ,,ум” на светски лидери, а сам себе не се гледа.
Човекот кој масовно ја злоупотребуваше Агенцијата за разузнавање со наредба да фабрикувааат извештаи за нас од ВМРО-ДПМНЕ дека сме ,,проруски” , ,,антизападни” , ,,антиамерикански” , за мене слушам напишале дека сум претставник на ,,иранско – турско – унгарско влијание” и пуштаа гавази да ги молат стратешките партнери пола од носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ да завршат на црна листа за така да се спасат од пораз, истиот тој сега е најантизападен и најантиамерикански.
Стево троши пензијата, не се брукај , не ја руши позицијата на Македонија и дружи се со пријателите од Агенција за разузнавање додека можеш!“, порача Николоски.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски изрази загриженост за позиционирањето на Македонија кон администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, особено во контекст на односите со ЕУ. Тој оцени дека ставот на премиерот Христијан Мицкоски, дека „новото нормално ќе го преплави светот“, е опасна теза која може да ја чини земјата меѓународна изолација.
Според Пендаровски, Македонија како мала држава не смее да се позиционира рамо до рамо со Трамп против ЕУ, особено затоа што дури и големите светски сили внимателно мерат како да се постават кон новата администрација.
„Новото нормално не ја преплави Америка, ниту американската политичка сцена. Таму има јасно позиционирана опозиција. Не ја преплави ниту Европа, ниту Мексико, ниту Канада. Америка има само два цврсти сојузници – Велика Британија и Израел, а дури ни Британија не е целосно на страната на Трамп. Ние сме мала држава и не ни личи да истрчуваме први во позиционирање до Трамп“, истакна Пендаровски во гостувањето на „Тема на денот“ на Сител.
Тој предупреди дека ако ни Г7 не се позиционираа веднаш на страната на Трамп, тогаш Македонија, како мал играч на меѓународната сцена, треба да биде особено внимателна.
Пендаровски нагласи дека првпат во историјата се случува двете главни геополитички сили САД и ЕУ да бидат на спротивни страни и дека Македонија не смее да заземе страна, бидејќи големите играчи ќе најдат компромис, но малите ќе бидат колатерална штета.
„Ние сме членка на НАТО, но сакаме да бидеме и членка на ЕУ. Ако поддржиме политики што се спротивни на европските, тоа може да ни наштети во евроинтеграциите. Не смееме да бидеме коспонзор на резолуции на иста страна со Северна Кореја и Белорусија. Тоа е аматеризам“, предупреди тој.
Поранешниот претседател посочи дека личните односи не играат улога во глобалната политика, споменувајќи ги премиерите Александар Вучиќ и Еди Рама, кои и покрај блиските контакти со Трамп, не се избрзуваат со поддршка.
Пендаровски ја критикуваше и стратегијата за зближување со Унгарија и Виктор Орбан, оценувајќи дека тоа не е во најдобар интерес на Македонија.
„Што ние заеднички имаме со Унгарија за да бидеме во исти регион? Зошто да не бидеме со други земји од Балканот, зошто исклучиво со Унгарија? Виктор Орбан е последниот автократ во Европа. Не би требало држава како нашата, која сè уште ја гради демократијата, да се поврзува со неговите политики“, посочи тој.
Во однос на спорот со Бугарија и блокадите од ЕУ, Пендаровски оцени дека Македонија нема што да понуди на администрацијата на Трамп за да издејствува притисок врз Софија.
„Трамп е трансакциски претседател – колку ќе платиш, толку ќе добиеш. Ние немаме ресурси да тргуваме во вакви дипломатски игри, а Бугарија има многу подобра геостратешка позиција“, нагласи тој.
Во овој контекст, тој додаде дека Орбан никогаш не дал поддршка за условните уставни измени со кои Бугарите би влегле во македонскиот Устав по влезот во ЕУ, иако владата на Мицкоски ја турка оваа теза.
Пендаровски испрати силна порака дека Македонија мора мудро да ја води својата надворешна политика, особено во време на геополитички тензии меѓу САД и ЕУ. Тој оцени дека прекумерното истрчување во поддршка на Трамп може да ја стави земјата во незгодна позиција, а приближувањето до Унгарија може да биде стратегија која повеќе штети отколку што носи корист.