„Заев ќе падне на предвремени избори и Тројанците во опозицијата нема да му помогнат во задржувањето на премиерското столче“, соопштија денес од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на премиерот.
Според нив, Заев постојано се натпреварува во тоа како да излаже.
„Како на пример онаа лага која ја соопшти денес дека никогаш не кажал дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е националист. На 2 мај 2017 година Заев изјави дека Вучиќ е националист. Денес на прес-конференција отворено лаже викајќи дека никогаш не рекол дека претседателот на Србија, Вучиќ, е националист“, стои во партиското соопштение.
И Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски при неговата работна посета индустриска зона Каласлари, одговарајќи на новинарско прашање во однос на предвремени парламентарни избори и уривање на актуелното мнозинство истакна дека тие се оправдани и логични како од политички така и од економски причини, а тоа го навестуваат и прегрупирањата во Собранието.
„Во Собранието се гледа дека има одредени би рекол прегрупирања, има одредени сигнали на парламентарни групи, но и на поединци кои не се задоволни од актуелната власт. Премногу било ветувано, а премалку било реализирано и кон нив, а премногу било ветувано од Заев кон граѓаните на крајот станале свесни дека се работи за уште една лага“, потенцираше Милошоски.
Тој истакна дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека предвремени парламентарни избори се неопходни за што побрзо да замине оваа власт со што Македонија ќе добие поголема перспектива.