ВМРО-ДПМНЕ: Создавањето на монструмот Палевски е последица на токсичната атмосфера и говорот на омраза која непречено ја продуцираше на поткастите

од Nikola Popovski
272 прегледи

Убиството на Вања и создавањето на монструмот Палевски е и последица и на лажната недопирливост која Палевски и неговата банда со поткасти ја чувствуваа и работеа непречено, а преку која ширеа токсична атмосфера. Сето ова се случуваше пред лицето на МВР кое поради политичка пресметливост и конекции со оваа групација го амнестираше ваквото однесување, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Според партијата, Палевски долго време добива медиумски публицитет каде жигосуваат луѓе и сеат говор на омраза, невистини и шпекулации.

-Со години Палевски и неговите соработници шиканираат луѓе преку својата емисија, оцрнува луѓе, повикува на тепање и друг вид насилство. Палевски ширеше говор на омраза, располагал со информации добиени од власта, „бомби на СДС“ и тоа поминуваше неказнето. Палевски и неговата банда не можеле досега да функционираат и да поминуваат без санкција, ако зад нив не стои врвот на власта и им се дава лажна претстава за моќ поради кои рекетираа и изнидуваа пари, соопштија од најголемата опозициска партија.

Министерството за внатрешни работи синоаќа соопшти дека е распишана меѓународна потерница по Палевски.

-Љупчо Палевски роден 12.12.1964 г. година во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за сторени кривични дела „киднапирање“ и „убиство“ по наредба на КСВ КО бр. 3047/23 на Основното јавно обвинителство Скопје, се наведува на официјалната веб-страница на МВР.

Палевски моментално е во бегство во странство и е недостапен за македонските органи на прогонот.

Има директни докази дека таткото на малата Вања го известил Палевски кога девојчето ќе излезе од станот, беше речено на вчерашната прес-конференција. Не се знае дали во возилата кои учествувале во киднапирањето на девојчето бил и Љупчо. Она што се знае е дека тој на 30 ноември избегал од Македонија и тој ден влегол во Србија и стигнал до Белград.

Според полицијата и обвинителството, Палчо заминал во Белград во придружба на неговиот адвокат Васко Стојков. Според Стојков, Палчо го замолил да го вози на некои прегледи, бидејќи немал автомобил. Адвокатот тврди дека не знаел ништо за вмешаноста на Палчо во исчезнувањето на девојчето. Како што изјави, се вратил во Скопје, а Палчо останал на преглед во Белград.

Следниот ден Палчо наводно побегнал во Бугарија, но тамошните власти претходно денеска соопштија дека немаат информации дека се наоѓа на територијата на нивната земја.

Слични содржини