Грција буквално слави победа над Македонија, а Ковачевски збор не изустува, велат од ВМРО-ДПМНЕ за ситуацијата со личните документи, кои од полноќ нема да бидат во важност доколку го имаат старото уставно име на државата, Република Македонија.
Од партијата во опозиција прашуваат во која друга земја од Европската унија се случува ова кое што се случува во Македонија.
-Владата на СДСМ и Ковачевски ја понижија државата и граѓаните каде стигнат. Ова ли е проевропска вредност, да ги малтретираш сопствените граѓани да си ги менуваат патните исправи и да им создаваш дополнителни трошоци?
Дополнително, вина за ваквата состојба има и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кој свесно ја остава МВР без обрасци, за народот да се револтира.
Кога ВМРО-ДПМНЕ информираше дека недостасуваат обрасци, Спасовски и Ковачевски не обвинува дека манипулираме со јавноста, за денеска да се испостави дека единствени што лажат и манипулираат се токму тие од СДСМ, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.