ВМРО-ДПМНЕ: Тоа што можело да се купи со илјада, денес не може да се купи со две илјади денари

од Nikola Popovski
137 прегледи

Стандардот на граѓаните поради лошите политики на СДСМ е паднат на најниско ниво. Платите и пензиите ја изгубија трката со цените, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешната прес-конференција на СДСМ во однос на најавеното зголемување на платите и пензиите предвидено во 2023 година.

Според најголемата опозициска партија, „тоа што можело да се купи со илјада денари, денес не може да се купи со две илјади“.

-Македонија се соочува со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа. Во светот сме меѓу првите земји по раст на цените за храна. Тоа значи дека нашите граѓани најбрзо и најмногу осиромашуваат во споредба со другите. Според странските инвестиции сме на дното во регионот, односно и Косово и Албанија и Србија имаат двојно, па и тројно повеќе странски инвеститори од нас. Иста е сликата и во домашната економија. Според извештајот на Светска Банка, Македонија ќе ја заврши 2022 година со раст на БДП кој е најлош во регионот и еден од најлошите во Европа, односно од нас полошо ќе поминат само Русија и Украина кои се во војна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска соопшти дека 2023 година ќе бде година на економски пресврт, во која платите и пензиите ќе продолжат да растат.

Таа навести дека веќе во март месец, следува покачување на пензиите помеѓу шест и седум отсто за сите 330.000 пензионери.

-Создадени се услови за ново зголемување на минималната плата за 10 отсто со што таа ќе изнесува безмалку 20.000 денари. Тоа ќе придонесе за усогласување, односно раст на платите во сите сектори, рече Кузеска.