ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Филипче заминал на одмор во Дубаи, од СДСМ ги прашуваат зошто не објават слики од таму „веќе кога ги користат безбедносните служби за следење?“

Повод за новите партиски препукувања предизвикаа фотографиите од Филипче на аеродромот во Венециja, од СДСМ велат: „Секој граѓанин може сам да провери онлајн е дека нема таков лет за Дубаи“

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: X

По вчерашните објавени фотографии на социјалните мрежи од лидерот на СДСМ, Венко Филипче на аеродромот во Венеција, денес нови препукувања меѓу двете најголеми политички партии. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека „Филипче заминал на одмор во Дубаи“.

„Филипче по големите реформи што ги направи во СДС, отиде да одмори за празниците токму во Дубаи кај Заев или пак во неговиот стан за кој јавноста не доби одговор, дали е негов или не.

Големиот предводник на опозицијата, толку се умори од лагите и манипулациите што ги искажа во јавноста, да мора да одмори не било каде, туку дома во Дубаи.

Сепак доктор Филипче, се уште молчи и не дава одговор за потеклото на златната виза, за која веќе сите ги знаат условите како може да се добие. Минимум инвестиција или недвижност од 500.000 долари или пак бизнис во Дубаи“, стои, меѓу другото, во реакцијата од партијата на власт.

На оваа реагираа од СДСМ. Потенцираат дека тезата на „ВМРО-ДПМНЕ повторно е „дефокус на работите во државата и визата за Дубаи и измислени згради“. Прашуваат зошто власта не објави фотографии од Дубаи, доколку тврдат дека лидерот на СДСМ отпатувал токму таму.

„Освен примената на препишувачката, ресавската, ќаци-школа во рамки на СНС кампањата „copy-paste“, диригирана од нивната централа, со сензационалистички таблоидни наслови како „Шокантно разоткривање“, тие не даваат одговори на поставените прашања.

Она што секој граѓанин може сам да провери онлајн е дека нема таков лет за Дубаи. Сега, кога веќе сите граѓани знаат дека ги користат безбедносните служби за следење на претседателот на СДСМ, се поставува едно прашање: Зошто не објават фотографии од Дубаи? Ги нема!

Да објават, на пример, фотографии од авион за Дубаи? Ги нема!

Чудно? Не е чудно – затоа што ги нема“, соопштија од партијата од „Бихаќка“.