ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ е блиску на следните избори да биде вонпарламентарна партија

од Nikola Popovski
78 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со критиките кон новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче. Го обвинуваат за блиските релации со екс-претседателот на СДСМ и Владата, Зоран Заев.

-Заев и Филипче беа рака под рака заедно кога Македонија ја тресеа најтешките коруптивни скандали и трагедии. Од крвавиот тендер, преку криминалот на Онкологија, тендерот за стерилизација, пожарот во модуларната болница, набавката на вакцини, рекордниот број настрадани од Ковид и десетици други. Во секоја европска држава вакви ликови после таков мандат не би ни помирисале политика, а не пак да водат партија. Но овој двоец Заев-Филипче нема ни срам ни перде. Нив ги води поривот за пари и желбата преку политика да се амнестираат, нагласуваат од владеачката партија.

Според партијата на Христијан Мицкоски, „Филипче и Заев ја претворија СДСМ во приватна  фирма, што е врв на нивната коруптивна дејност“.

-Со вакво темпо, СДС е многу близу на следните избори да биде вонпарламентарна партија, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче стана нов лидер на СДСМ откако во неделата освои 9.052 гласа на внатрепартиските избори. Ривалите Јован Деспотовски освоија 2.705, додека Александар Бајдевски 905 гласа. Славјанка Петровска се повлече од трката.

Филипче, кој беше министер во владата на Зоран Заев од декември 2017 до јануари 2022, вети дека ќе биде лидер што обединува, а не што дели, а главна преокупација ќе му биде ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики, односно СДСМ да биде силна опозиција на владејачката партија.

Откако стапи на функцијата, новиот претседател на СДСМ ги започна редовните координации со пратеничката група на СДСМ. Најави дека СДСМ ќе делува конструктивно во интерес на граѓаните и будно ќе ја следи работата на Владата и законите кои ги предлагаат.

Слични содржини