ВМРО-ДПМНЕ за барањето на Филипче: Невозможно е да се направи ако сакаме да постои правна постапка

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ блефира со барањето за декласификација на документите за прислушувањето оти сака да ги спаси организаторите

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин

„СДС блефира и свесно бара нешто што е невозможно да се направи ако сакаме да постои правна постапка. Декласификација на документи се врши исклучиво согласно закон, и тоа во судска постапка, по барање и одлука на надлежните органи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за објавување на документите и информациите за наводното прислушување врз премиерот Христијан Мицкоски, бизнисмени, новинари…

Со оглед на тоа дека за сите информации поврзани со незаконското работење во АНБ е веќе известено Јавното обвинителство, истакнуваат од партијата на власт, понатамошното постапување останува во нивна надлежност. Според нив, „прашањето за декласификација на документи може да биде дел само од постапките што се водат од страна на обвинителството и судот, а не од партиска нарачка на СДС“.

-СДС, со овој однос јасно потврдува дека се плаши, а кога Венко Филипче зборува за „инфантилност“, тоа е исто како доктор Менгеле да зборува за права на пациентите или барон Минхаузен за етика и држење до зборот.

Нема поголем комплимент за нас од тоа марионетата на струмичкото семејство да не етикетира со погрдни зборови. Човек кој одамна го продал својот морал за неколку песни на Харис Џиновиќ и две кружења со јахта, и кој е заробен меѓу амбиции, базични инстинкти и заеднички бизниси со семејството кое го има киднапирано СДС.

Со оглед на чувствителноста на темата, неопходно е да се почитуваат строго пропишаните процедури. Утврдувањето на одговорност и евентуално кривично гонење е во надлежност на обвинителствата и судовите, а не на СДС, стои во партиското соопштение.

Претходно лидерот на СДСМ уште еднаш побара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта во јавноста го презентираше како афера за прислушкување. Според него, за ова има јасна постапка по која АНБ може да ги обелодени сите информации и документи. Смета дека случајот треба да биде достапен на јавноста за да се суди дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност.

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика