ВМРО-ДПМНЕ утрово соопшти дека со ставањето на Артан Груби на црната листа на САД се докажа дека поранешната власт предводена од СДСМ и ДУИ „е до гуша во корупција“. Од најголемата владеачка партија потсетуваат дека причината за која се ставени на црната листа на САД, е тоа што Груби и судијата Енвер Беџети, се вмешани во значителна корупција преку примање мито за поткупување судски процеси поврзани со екс-директорто на ДБК, Сашо Мијалков.
-Со ова се докажува дека на партнерот на СДС, ДУИ воопшто не му е грижа за народот, туку и протестите пред Уставен суд се само една драма за да ги скријат своите криминали, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Поранешниот потпретседател на Владата, Артан Груби синоќа информира дека одлуката на САД да се најде на нивната црна листа ја дознал од медиумите.
„Како личност која го посвети својот јавен живот на одбраната на западните демократски вредности и која секогаш работеше посветено за членството на земјата во НАТО и Европската унија, оваа одлука ме засега директно и лично мене“, истакна Груби.
Вели дека со сите пријатели и партнери, со кои ја споделува визијата и со години работи на интеграцијата на земјата во евроатлантските структури, ќе се потруди целосно да се разјасни прашањето.
„Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности ќе продолжат да бидат главниот столб на секоја моја акција“, истакна функционерот на дУИ.
Американската амбасадорка, Анџела Агелер оцени дека никој не е над законот и дека одговорноста е неопходно за напредок. Нагласи дека САД не толерираат политичко мешање во работата на судството.
„Тоа е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги повикуваат оние кои се впуштаат во корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е неопходна за напредок“, порача синоќа Агелер.