ВМРО ДПМНЕ: Заев да прифати избори ако е сигурен дека албанската платформа е прифатлива за граѓаните

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Соопштение ВМРО ДПМНЕ

На декемвриските избори граѓаните не гласаа за платформата од Тирана. Таа или која било платформа изготвена во туѓа држава не може и не смее да стане услов за формирање на влада во Република Македонија.

СДСМ е уценет за да ја прифати платформата и да работи на изнаоѓање начини истата да се реализира.

Помалку е важно со што е уценет Зоран Заев и СДСМ. Многу поважно е да се спречат последиците од уцената и спроведувањето на платформата. Тие ќе значат редефинирање на Македонија и носат ризик за да предизвикаат тензии.

Доколку СДСМ и Зоран Заев се сигурни дека прифаќањето на сеалбанската платформа е добро за иднината на Македонија и таа би била поддржана од граѓаните, нека прифатат распишување на нови избори на кои би се гласало и за платформата од Тирана.

Доколку Зоран Заев не е сигурен во сопствениот рејтинг и поддршката, сметаме дека СДСМ треба да ја отфрли платформата и да се откаже од реализацијата на сите елементи од неа кои водат кон формирање на бинационална држава. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги даде своите гласови на СДСМ за да формира влада, каква што сака, но без уцени и прифаќање платформи кои предизвикуваат далекусежни штети и ја претвораат Македонија од мултиетничка во бинационална држава.

ВМРО-ДПМНЕ чувстува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата „За подобра Македонија“. Заради почитта кон нив и нашата стратешка определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси., се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ