ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Филипче се браќа по корупција, СДСМ крева галама за нешто што е одмината работа

од Nikola Popovski
358 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја нарече СДСМ – „партија на гробарите“, а екс-лидерот на партијата и новиот претседател, Зоран Заев и Венко Филипче – „браќа по корупција“. Вака стои во реакцијата на владеачката партија откако претходно од СДСМ излегоа со соопштение, критикувајќи ја одлуката за назначување на Коце Трајановски за нов директор на „Државни патишта“.

Според партијата на Христијан Мицкоски, „СДСМ крева галама за нешто што е одмината работа и кое имаа 7 години време да го анализираат како власт“.

-Наместо да коментираат колку да се коментира, нека се позанимаваат со тоа дали на следни избори ќе имаат гласачи за еден пратеник, зошто Филипче им стана претседател со 9.000 гласа од цела Македонија, нешто што дава индикации дека на парламентарните избори 2028 година нема да може да биде изберен ниту за пратеник, стои меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Рано утрово од СДСМ порачаа дека „ВМРО-ДПМНЕ го враќа градоначалникот кој го спроведе најголемиот градежен криминал во историјата на земјата, проектот Скопје 2014 и му се даваат 600 милиони евра во рацете и моќ да раководи со најголемите инфраструктурни и градежни проекти“.

-Во исто време, Коце Трајановски е косопственик и управител на фирмата Косистеми ДОО чија дејност опфаќа и градежништво. Ова е најава за огромна корупција која се подготвува во ова претпријатие, наведуваат од „Бихаќка“, сметајќи дека ова не е промена, туку правец назад.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Трајановски е назначен за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Одлуката e потврдена од страна на Управниот одбор на ЈПДП. Тој доаѓа на функцијата на местото на Ејуп Рустеми.

Истовремено беа назначени и Сашо Клековски за директор на Фондот за здравствено осигурување, Александар Пандов за директор на Управата за извршување на санкции, додека пак Здравко Трајанов ќе раководи со Национални шуми.

Слични содржини