Владеачката СДСМ обвинува дека јавноста е сведок на хистерично ширење на невистини поврзани со отворените прашања со соседна Бугарија и т.н. француски предлог и дека тоа неодговорно однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е штетно за државните позиции и нашите националните интереси.
-Очигледно Мицкоски жестоко одбработува за туѓи, странски интереси, кои не и мислат добро на нашата земја, диригирани од анти ЕУ и анти НАТО центри на моќ. Се пласираат невистини за наводна бугаризација, за промена на Македонскиот јазик, за македонскиот идентитет, па дури се споменува и наводна цензура, велат од партијата.
Според СДСМ, каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се неколку елементи:
-Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка; Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот; Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања;
Секое решение ќе биде консултирано со институциите на Република Северна Македонија, стои во партиското соопштение.