ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија поддршка да ја бришат историјата, традицијата и културата на Република Македонија

од Vlatko K
82 прегледи

  Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија мандат на избори да го менуваат Уставот, да го бришат името Република Македонија и да го менуваат

идентитетот. Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија поддршка ниту на референдумот да ја бришат историјата, традицијата и културата на Република Македонија – реагираат денеска од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Соопштението до јавноста кое го испратија од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека „СДСМ и Зоран Заев ги погазија демократијата и правдата во Република Македонија. Немајќи смелост да се соочи со волјата на граѓаните која беше јасно искажана на референдумот, Заев посегна кон силување на институциите, државата и волјата на сопствениот народ“.

-Со ваквото насилничко носење на закони спротивно одлуката на народот и присилното собирање на гласови во законодавниот дом под закани за политички прогон, СДСМ и Зоран Заев го изгубија легитимитетот да зборуваат за демократски и европски вредности. Тоа што и се случи на Македонија е срам и преседан кој нема допирни точки со демократијата. Таков пример се нема случено во ниту една земја од западниот демократски свет – нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „јавноста конечно ја виде позадината на политичкиот прогон преку СЈО и обвинението за настаните од 27 април“.

 -Монтирани обвиненија против пратеници кои подоцна ги искористија како уцени за добивање на двотретинско со цел менување на уставното име на Република Македонија и спроведување на договорот од Преспа. СДСМ со нивните насилнички и недемократски методи побараа и добија поддршка од истите пратеници за кои викаа дека се најголемо зло и им посакуваа се најлошо да им се случи. Силувањето на демократијата во Македонија од страна на власта само повеќе ќе го поларизира општеството – велат од оваа опозициска партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ изјавуваат дека „Недемократското однесување на Заев ќе создава поголем гнев кај македонскиот народ кој јасно порача дека е против менување на името на државата, против менување на личните исправи и против менување на историјата, традицијата и културата“.

-Со овој чин СДСМ и Заев ставија крај на своите кариери. Многу скоро ќе мора да се соочат со граѓаните, а тогаш оваа антинародна и недемократска власт ќе замине во историјата. Македонија и македонскиот народ многу пати во историјата се соочувале со тешки премрежија, но секогаш излегувале како победници токму затоа што народот никогаш не се откажувал од својата земја – нагласуваат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и порачуваат дека „Демократијата и интегритетот на Македонија ќе и се вратат кога ќе си замине оваа ненародна власт и зло кое што и се случува на нашата држава. Македонија победувала и повторно ќе победи“.