ВМРО-Народна партија со големо разочарување го констатира процесот, како што велат, во кој се почесто и погрубо од страна на нашиот северен сосед доаѓаат отровни стрели во вид на изјави, ставови и пароли дека Македонците биле Бугари.
-Најпрвин ја сменија улицата Гоце Делчев во Белград со образложение дека тој бил бугарски комита кој се борел против србите. Пред десеттина дена дознавме дека во нашата Македонија на месноста Рамне во Охридско е подигнат споменик на кој пишува дека бугарските бунтовници од Охрид предводени од познатиот војвода Петар Чаулев злосторнички убиле српски војници. А вчера пак за време на спортски настан повторно бевме сведоци на груби пароли кои пренесуваа порака дека „Македонија е стара Србија“. Да не зборуваме за десетици изјави кои доаѓаат од нивни интелектуалци и политичари со кои исто така се повторуваат истите тези дека Македонците се или бугари или срби. Уште позагрижувачки е што сите големо-македонски патриоти па и патриотските медиуми упорно молчат за овој процес кој станува се поинтензивен последниве години. Се надеваме дека еднонасочните македонски патриоти конечно ќе се разбудат после овој срам кој патем го пренесуваше Македонската телевизија во живо, порачуваат од партијата на Љубчо Георгиевски.
Натпреварот од СЕХА лигата во Белград меѓу Партизан и Вардар доби големо внимание, но не поради победата на српскиот клуб, туку поради однесувањето на Гробари.
Покрај гласната поддршка за своите ракометари, натпреварот го искористија и за политички провокации на гостите. Грчкото знаме и разни пораки беа дел од кореографијата на овој меч.
„Група со српско име, слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, пишуваше на транспарентите што ги кренаа на средбата, што е навреда за гостинската навивачка група Комити и самиот идентитет на Македонците како народ.
Фото: MN Press