ВМРО-НП за францускиот предлог: Бугарската страна има повеќе отстапено од нејзината последна позиција

од Берта Китинска

„ВМРО-Народна партија ја анализираше најновата и изменета верзија на „францускиот предлог“, и оценува дека во него нема ништо што го загрозува македонскиот јазик и идентитет. Секој договор е своевиден компромис но факт е дека бугарската страна има повеќе отстапено од нејзината последна позиција, т.н. рамковна позиција со која Македонија требаше самата да прифати и објави дека македонскиот јазик и нација се настанати од 1945 година“ стои меѓудругото во соопштението од ВМРО-НП.

Од партијата велат дека го прифаќаат предлогот и напоменуваат дека „не смееме да го испуштиме овој најнов предлог со кој се отвораат македонските евроинтеграци“.

„ВМРО-Народна партија ги повикува сите критичари на „францускиот предлог“ да не го прават тоа со кампањско отфрлање на целиот предлог туку да ја конкретизираат својата критика, кој член или кој став од предлогот сметаат дека го нарушува македонскиот идентитет. Доколку, отсуствуа таквата критика ќе сметаме дека кампањски пристапуваат кон текстот, а немаат никаква суштинска забелешка. ВМРО-Народна партија не може, а да не го коментира однесувањето на поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров кој директно учествуваше во потпишувањето на договорот со соседна Бугарија и состави недоречен договор кој до ден денеска ни прави проблеми“ велат од партијата.

Нивниот став е дека „во овој момент имаме најмалку потреба од квазипатриотско однесување туку имаме потреба од државнички однос на сите оние кои се повикани да бидат одговорни за иднината на македонската држава“.

Слични содржини