Вмровските пратеници со тропање на маса ги дочекаа замениците министри на владата на Заев

од Vladimir Zorba
138 прегледи
Се декларираа како независни, засега нема да прават  пратеничка група, ама здушно ќе бидат против СДСМ. Тоа се вмровските пратеници кои денеска со тропање по собраниските маси,  опозициски  го пречекаа составот на замениците – министри во новата Влада. Вториот владин ешалон  сепак се екипираше. Гласањето е ставено како последна точка, а ВМРО ДПМНЕ даде на знаење дека ќе го продолжи „конститутивниот“ концепт на блокада преку процедурални прашања на секој нивни пратеник. Претседателот Талад Џафери рече дека ќе направи се, да го надокнади изгубеното 6 месеци време од работата на парламентот и да ги избегне блокадите.
Инаку доцна синоќа предлозите со замениците – министри беа пратени во Собранието. Биографиите на новите заменици се веќе објавени на веб страната на Собранието. Дел од имињата се очекувани за јавноста, но дел се  изненадување. Еве како ќе изгледа вториот владин ешалон.
Во рацете на СДСМ одат заменичките места во Министрствата за економија, животна средина, информатичко општество и култура. Екс разузнавачот и поранешен дополнителен заменик министер за финансии во периодот на техничката Влада, Кире Наумов ќе биде новиот заменик -министер за економија. Наумов важи за силен критичар на економските политики што ги спроведуваше ВМРО-ДПМНЕ.
Изненадување за јавноста е Јани Макрадули. Откако извесен период се повлече од политичката сцена, а сега се враќа како замeник министер за животна средина. Макрадули беше потпредседател на Собранието, пратеник, потпредседател на СДСМ, а во 2013 година се кандидираше за градоначалник на Скопје.
„Една прилично актуелна тема насекаде во светот, заштитата на животната средина и во изминатите 11 години се отворени многу теми и дилеми, се надевам дека заедно со министерот и владата, дека животната средина ќе има видна вредност, да се залагаме за почиста вода, воздух како што бараат граѓаните“ – изјави Макрадули.
Во локална самоуправа заменичката функција ја добива Дејан Павлевски, Александар Бајдевски ќе биде заменик-министер за информатичко општество и адмнистрација. Во министерството за култура оваа функција ќе ја врши актерот од Театарот за деца и младинци, Владимир Лазовски. Заменичката функција во здравство ја добива доктор Гоце Чакаровски, кој беше гласен критичар на проектот „Мој термин“.
Коалициониот партнер Српска напредна странка го добива заменичкото место во министерството за земјоделство, на таа функција седнува Власте Димковиќ екс градоначалник на Старо Нагоричане.
Од редовите на ДУИ поранешниот технички министер за внатрешни работи, Агим Нухиу останува во министерството, но на функцијата заменик-министер. Нухиу ја покрена постапката за одговорност на директорот за јавна бебедност, Митко Чавков за нападот на Собранието на крвавиот четврток.
Ширете Елези која која во  претходна владејчака гарнитура ја извршуваше фунцијата министер за локална самоуправа, сега ќе биде заменик-министер за финансии. Во министерството за одбрана за заменик е предложен Беким Максути. Висар Ганиу за заменик министер за образование. Од редовите на вториот владин партнер, Алијанса на Албанците, Арта Точи влегува на заменичката позиција во Министерството за надворешени работи, во транспорт и врски Ремзи Мехмети, а за заменик министер за труд и социјална ќе биде Елми Азири.
Изборот  на замениците ќе се случи најверојатно наредната седмица.
Следната недела се очекува да се екипира и третиот ешалон односно директорите на управите, агенциите, државните компании.