Министерството за внатрешни работи излезе со официјално соопштение за претресот во домот, службените простории и автомобилот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска.
-На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л, информираат од полицијата.
Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, оттаму додаваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известат јавноста.
Основното јавно обвинителство Битола соопшти дека не издало наредба за приведување или итен распит на Лозановска и дека постапката за претрес е спроведена во согласност со законските процедури.