Обвинение и први судења за предмети на Специјалното јавно обвинителство, нови истраги на СЈО, укината пресудата за случајот „Монструм“, разрешување и назначување нов државен јавен обвинител, бегството и екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошковски ја одбележаа 2017 година во правосудството.
Специјалното јавно обвинителство и покрај институционалните и политичките опструкции што ги имаше од почетокот на формирањето, сепак, во последниве месеци успеа да го раздвижи судството, кое изминатите години беше во хибернација.
Изминативе две години СЈО покрена 20 обвиненија, девет истраги и околу 100 предистражни постапки, за што, како што велат обезбедени се цврсти докази за сериозни злоупотреби на институционалните капацитети од страна на поединци и организирани групи, за злоупотреби на службената положба и овластување и за кршење на законските постапки при јавните набавки. Од СЈО веруваат дека пред судовите ќе докажат дека сите осомничени од СЈО се одговорни за делата.
Повеќето од досегашни предмети на СЈО почнуваат на буквата „Т“, што според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева нема некоја посебна симболика, бидејќи, како што вели, тоа така се наметнало. Но, исклучок од тоа се последните отворени истраги чие кодно име не почнува на „Т“. Станува збор за предметите „Странски служби“, „Друмарина“, „Рентген“ и „Продуцент“.
Во изминатиов период СЈО поведе истрага за случаите „Титаник“ , „Таргет“, „Тврдина“, ,„Тенк“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Трезор“, „Тортура“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Топлик“, „Тревник“, „Талир“, „Транспортер“ и за „Настаните пред општина Центар“.
„Титаник“ прва истражна постапка – „Тврдина 2″ прва пресуда за предмет на СЈО
Првиот случај за кој СЈО отвори истражна постапка е „Титаник“, а се однесува за изборни манипулации. Осомничени се поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски и поранешниот секретар на Владата, дека ги злоупотребиле изборите и гласањето за да победи одредена политичка партија. Осомничени се и судии од Управниот суд и поранешни членови на ДИК.
Првата пресуда, пак, за предмет на СЈО изречна од Кривичниот суд е за предметот „Тврдина 2″. Судот му одреди една година и шест месеци ефективна затворска казна на Горан Грујевски, еден од обвинетите во случајот „Тврдина 2″ за уништување службени документи. Шест службенички од МВР добија условни казни. Грујевски и шесте архиварки во Управата за безбедност и контраразузнавање се обвинети дека уништиле службени документи на тајната полиција.
Екстрадицијата на Грујевски и Бошковски
Одлуката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски, Судот во Солун ќе ја објави на 5 јануари 2018 година.
Одлуката требаше да биде соопштена на 22 декември 2017 година, но поради неможност да биде обезбеден преведувач на македонски јазик, на што инсистирале адвокатите на обвинетите, тоа е одложено за 5 јануари.
Грчкиот обвинител во случајот побарал да одобри екстрадицијата во Македонија на двајцата поранешни началници во Управата за безбедност и контра разузнавање.
Според адвокатите на Грујевски и Бошковски не станува збор за вистински обвиненија. И двајцата пред судот кажале дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија бидејќи стравувале за своите животи и оти нема да имаат фер судење. Исто така, ги негирале обвиненијата за кои што се товарат и ги оцениле како „политички прогон“.
Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември. Двајцата во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.
Грујевски и Бошковски, кои се меѓу обвинетите од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври 2017 година, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
СЈО бара продолжување на мандатот за да гони корупција од висок профил
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара СЈО и по истекот на мандатот во 2020 година да функционира во рамки на Јавното обвинителство на Република Македонија за да гони корупција од висок профил.
– Законскиот мандат на СЈО не е изминат и затоа сме уверени дека ќе се преземат мерки за имплементација на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор усвоена од Владата на РМ и ова Обвинителство ќе постапува согласно роковите предвидени со Законот за кривична постапка и Кривичниот законик, што е во функција на остварувањето на мисијата за што е формирано ова Обвинителство, истакна Јанева на последната прес-конференција.
Според неа, доколу надлежните институции во рамки на траењето на мандатот на СЈО изнајдат решенија за начинот на кој ова Обвинителство би можело да поднесува обвиненија до судовите ќе бидат поднесени и други обвиненија.
И во вториот извештај на експертската група на Прибе во однос на владеењето на правото е нотирано дека СЈО мора да продолжи со работа, бидејќи како што е наведено, од суштинско значење е да продолжи кривичното гонење на одговорните за нелегалното прислушување.
– Ограничувањата и опструкциите на мандатот на СЈО го покренуваат прашањето за континуитет што е од суштинско значење за обезбедување на кривична одговорност. Постојат различни опции за да се обезбеди овој континуитет. Силна правна основа за ова е неопходна, стои во најновиот извештај на Прибе.
Прибе со забелешки и за Законот за СЈО, односно дека кратките рокови за поднесување на обвинение им ја оневозможува работата на обвинителите. За да се надмине овој проблем, Прибе дури препорачува СЈО да се припои кон Републичкото јавно обвинителство, како специјализирана единица или одделение.
На иста линија е и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски кој вели дека според планот 3-6-9, СЈО треба да стане дел од Основното јавно обвинителство. Додава дека се уште се работи на дефинирање на оваа реформа, а можно е СЈО да има иста автономија како и ОЈО, односно да бидат на исто ниво, а СЈО ќе работи на висока владина корупција.
Апелацискиот суд последните месеци одлучи скоро во сите предмети на СЈО, прислушуваните разговори да се користат како докази во судски постапки.
Укината пресудата за предметот „Монструм“
Врховниот суд на Република Македонија на 24 ноември 2017 година донесе пресуда по предмето „Монструм“, со која жалбите на одбраната се уважени, а првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот е вратен на првостепениот суд на повторно одлучување.
Обвинителството побара укинување на пресудите и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување. За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени: Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаќи Азири и Самил Љута.

Убиствата кај Смилковското езеро се случија на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
Разрешување и назначување на државен јавен обвинител
Собранието на Република Македонија на 25 декември 2017 година со 61 глас „за“, еден воздржан и ниту еден против го избра Љубомир Јовески за државен јавен обвинител.
Расправата по неговиот избор и гласањето се одржа без присуство на пратениците од опозицијата.
Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.
Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август 2017 година. /МИА