Во Белград пријавена епидемија на мали сипаници

од Radmila Tasevska
321 прегледи

Во Белград е пријавена епидемија на мали сипаници, потврдија за медиумите во Градскиот завод за јавно здравје, јави дописникот на МИА од Белград.

Од 6 февруари кога беше пријавен првиот случај на мали сипаници до денеска во Белград се потврдени 11 случаи на мали сипаници.

Епидемиолозите и лекарите наведуваат дека најголем број заболени се или невакцинирани или со непознат статус на вакцинација.

Вакцината против морбили, ММР вакцината, децата ја примаат на возраст од 12-15 месеци и пред да тргнат на училиште.

Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ до сите здравствени установи во Србија достави предлог мерки за построг надзор.

Од Градскиот институт за јавно здравје потенцираат дека вакцинацијата е единствената ефикасна превентивна мерка која води до создавање цврст и долготрајен имунитет.

Сепак, предупредуваат дека е потребно 95 отсто од децата да се вакцинираат за да стекнат колективен имунитет со што би се спречило појавувањето на нови случаи.

Во Србија годинава се регистрирани 13 случаи на морбили.

Во 2023 година во Србија се регистрирани 50 случаи на мали сипаници, од кои повеќето (94 отсто) биле невакцинирани.

Слични содржини