Во Берово акција за откривање крадци на струја

од Vlatko K
129 прегледи

Општина Берово во рамки на своите надлежности започна акција за откривање крадци на струја. Во соопштението до јавноста, од Општина Берово истакнуваат дека кај лицата кај кои ќе биде констатиран див приклучок, тие ќе бидат исклучени од електричната мрежа.

– Со цел запознавање на граѓаните со последиците кои произлегуваат од ваквиот незаконски начин на снабдување со електрична енергија, Општина Берово ги известува сите граѓани, дека физичките и правни лица, кај кои во иднина ќе биде констатиран див приклучок на електрична енергија, од системот на јавно осветлување,истите од страна на екипите на Општина Берово, ќе бидат исклучени од мрежата. Казнениот законик е ригорозен, против сторителите на овој вид на прекршок и предвидува казна затвор до три години и парична казна, посочуваат од Општина Берово.

Ако вредноста на украдената електрична енергија е поголема, како што додаваат од  Општината, сторителот ќе се казни со затвор до пет години и со парична казна, додека ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Овие акции, додаваат, се реализираат откако при неколку контроли забележано дека физички и правни лица, на незаконски начин, директно од системот за јавно осветлување, илегално се вклучиле во електричната мрежа.