Во БиХ одобрена употребата на руската вакцина

од Stefanija Kuzmanovska
578 прегледи

Агенцијата за лекови на Босна и Херцеговина дозволи употреба на руската вакцина против коронавирус откако утврди дека пробните дози доставени минатата недела ги исполнуваат пропишаните критериуми за квалитет, а вакцинацијата во таа земја може да започне во наредните денови.

Агенцијата за лекови и медицински помагала на БиХ во соопштението во понеделникот потврди дека го проверила квалитетот на вакцините Гам-КОВИД-Вак и утврдила дека тестираниот примерок одговара на декларираниот квалитет.

Две илјади дози од вакцината „Спутник V“ беа доставени во БиХ пред седум дена на барање на Министерството за здравство на Република Српска, бидејќи властите на ентитетот самостојно преговарале со рускиот производител и се согласиле да испорачаат 400.000 дози доволни за вакцинирање на 200.000 луѓе.

Директорот на Институт за јавно здравје на РС, Бранислав Жељковиќ, по проверка на квалитетот на пробниот контингент, рече дека сега очекува распределбата на вакцината и вакцинацијата да започне подоцна оваа недела или на почетокот на следната.

БиХ претходно нарача 1,23 милиони дози вакцини на западните производители преку механизмот COVAX, но ниту една од нив се уште не е доставена. Властите во БиХ се надеваат дека ќе ги добијат првите дози на вакцините на Фајзер и Модерна до крајот на февруари за да можат конечно да започнат со вакцинирање.

Слични содржини