Во четврток вечер ратификација на Договорот од Преспа

од desk2
94 прегледи

Во среда во 10 часот по локално време започнува расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а гласањето ќе биде во четврток вечер, брифираат извори од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Нацрт законот во саботата беше доставен до грчкиот Парламент, а се очекува да се изгласа до петок.

Како што во саботата објави МИА, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција, што е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, содржи три члена.

Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на покревање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт законот, со датум од 18 јануари 2019 година, е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.