Вкупно осум деца од две јаслени групи и шест негувателки од објектот „Развигорче“ од кумановската градинка се во изолација, откако една негувателка била позитивна на коронавирус, информираа денеска надлежните од градинката.
Денеска, уште една негувателка која веќе била во изолација е позитивна на коронавирус. Затворена е и стручната служба во овој објект, бидејќи првично сметководителка била потврдена позитивна, а во изолација се, уште две нејзини колешки. Поради потврден случај на заболен домаќин, затворена и кујната во овој објект. Градинката постапила согласно утврдените алгоритми и протоколи за ваква состојба.
– Во едната јаслена група има три деца и пет има во втората група. Податоците се доставени до Центарот за јавно здравје за децата, сите телефони за контакт од родителите се обезбедени, досега сите деца се добри, постојано и ние се слушаме со родители, но таму останаа шест колешки во изолација и денеска имаме информација дека уште една колешка од јасли, која беше во домашна изолација е позитивна, зјави директорката на „Ангел Шајче“, Марина Алексовска.
Состојбата во останатите седум објекти е добра.
Претходно заболел ложач во котларница, но тој немал контакти со вработени, потоа позитивен бил и домаќин во објектот „Развигорче“ и надлежните веднаш согласно протоколите, алгоритамот, ги известиле ЦЈЗ Куманово, министерството за труд и социјална политика, локалната самоуправа и по добиените насоки одлучено е кујната да биде затворена. Храната ќе се готви во друга кујна.
Негувателката била потврдена за позитивна неделава, откако се пожалила на симптоми. По нив, позитивна била и сметководителка, од утре поради изолација на уште две нејзини колешки нема да работи стручната служба во установата.
-Постојано сме во контакт со родителите, бројката на присутни деца на ниво на сите објекти е навистина мала. триста и четиринаесет деца се денеска на ниво на цела установа, а знаете дека имвме по 1.900 деца. Присутните се деца чии двајца родители се вработени, но има и некои што пријавиле, сè уште ги немаат донесено, сè уште размислуваат дали да ги носат, а имаме најава дека дел ќе доаѓаат, вели Алексовска.
Во објектот „Детелинка“ претходно, исто така беше заболена негувателка.