Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и директорката на училиштето, Марија Делетиќ денеска во дворот на ПОУ „д-р Златан Сремец“ го пуштија во употреба новото рекреативно детско катче.
Инклузивното игралиште наменето за децата од училиштето е донација од познатата компанијата ЖИКОЛ, која со помош на Општина Кисела Вода го изгради игралиштето. Истото партерно го уреди Општината.
Директорката на училиштето Делетиќ изјави дека иницијативата за изградба на игралиштето, со цел за обезбедување безбедно спортско рекреативно катче за учениците со попреченост започна од националниот координатор Александра Дичевска од Агенцијата за млади и спорт. Таа нагласи дека успешната реализација на проектот се спроведе се поддршка од градоначалникот Темелковски и компанијата „ЖИКОЛ“, која донираше средства за изградбата на детското игралиште.
Градоначалникот Темелковски истакна дека од почетокот на неговиот мандат општината има одлична соработка со ПОУ „д-р Златан Сремец“. Тој додаде дека училиштето кое е во надлежност на Министерството за образование и наука и во иднина ќе ја има поддршката од него.
-Драго ми е што како Агенција за млади и спорт преку еден наш проект, проектот за Европска недела на спортот започнаа иницијативи кои ќе овозможат, ќе помогнат и ќе придонесат за развој на спортот и за развој на децата со одредена попреченост, изјави директорот на АМС, Каевски. Додаде дека ќе продолжат инвестициите во насока за обезбедување подобри услови за лицата со попреченост.
По ова, градоначалникот Темелковски, претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ и дикректорот на АМС, Каевски проследија новогодишна приредба во изведба на учениците од ПОУ „д-р Златан Сремец“ и ООУ „Невена Георгиева – Дуња“. Градоначалникот Темелковски на децата им подели новогодишни пакетчиња, донација од фирмата Мако маркет.
Локалната самоуправа преку соопштение ги повикува граѓаните доколку забележат дека некој оштетува урбана опрема, детски игралишта и слично да пријават во полиција.