Бројот на новозаразени со коронавирус во Германија се зголеми повторно во саботата, со што официјално е најголем од крајот на април.
Во последните 24 часа, здравствените власти регистрирале 2.034 нови случаи низ целата земја, со што се зголемил вкупниот број на новозаразени на 232.082, објави Институтот „Роберт Кох“, објави дпа.
Последниот пат кога бројот на нови инфекции во земјата бил поголем, се случило на 25 април кога биле регистрирани 2.055 нови случаи на инфекција.
Страв од нов бран
Голем број помали жаришта се забележани низ целата земја, поврзани со поголеми семејни прослави, соопшти институтот „Роберт Кох“, а има и нови случаи на вирус кај германските туристи кои се враќаат од одморите во странство, особено кај младите.
Во Германија, епидемијата го достигна својот врв на почетокот на април, кога имаше повеќе од 6.000 случаи на нови инфекции на дневно ниво.
Бројот постепено се намалуваше до крајот на јули, но овој тренд неодамна се сврте, предизвикувајќи стравувања од втор бран на инфекции.