На повеќе локации низ Хрватска рано утринава почнала голема полициска акција за разбивање на криминална група која се занимавала со изработка на документи за некои од најопансите криминални групации во Европа, јави „Јутарњи лист“.
Според неофицијални информации, уапсени се околу 30 лица, а апсења се спроведуваат на подрачјата на Загреб, Карловац, Задар, но и во други градови.
Неофицијално се дознава дека Нусрет Сеферовиќ (49), претседател на Советот на ромски здруженија во Хрватска, утринава бил уапсен заради сомнение дека бил организатор на криминалната група која се занаимавала со изработка на документите за српските и црногорските мафијаши.
Сомневањата се дека припадниците на оваа хрватска група набавувале и изработувале оригинални пасоши за припадници на српскиот „Земунски клан“, како и за припадници на црногорските кланови „Шкаљари“ и „Кавчани“.
Станува збор за групации со кои се поврзуваат повеќе десетици мафијашки ликвидации на неколку континенти.
Во акцијата наводно биле уапсени и неколку полицајци за кои постои сомнеж дека на припадниците на групата од полицискиот информативен систем им одавале податоци за идентитетите на хрватските граѓани кои биле најпогодни на нивно име да се изработуваат лажни хрватски документи.