Во кое својство Груевски се шета со министри во оставка- во која реалност живее тој?

од Vladimir Zorba
89 прегледи

 Груевски не е веќе премиер, ниту министрите сеистите минстри, ниту тој може проекти да реалзира а и тој и провладините телевзии се филмаат како да уште е на власт !? Кого снимаат всушност, партиски лидер е или не знаат дека е сменет!?

По десет години на чело на Владата, претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера на социјалните мрежи се пофали со реконструкција во студентските домови. Тој го посети домот „Гоце Делчев“ заедно со заменикот министер за образование, Спиро Ристовски, кој детално му објаснуваше за новите лифтови, машини за перење, сушење и вредноста на оваа инвестиција.

Во услови кога Груевски не е премиер речиси повеќе од една година, експертската јавност го поставува прашањето во кое својство лидер на партија посетува студентски дом и зошто заменик- министерот Ристовски му дава отчет нему. Дел од аналитичарите додаваат дека ВМРО – ДПМНЕ нема веќе ниту парламентарно мнозинство и според нив ова е доказ дека Груевски не сака лесно да ја предаде власта.

„Јас ова го гледам како сигнал дека тој нема намера да ја предаде власта, да се изврши трансфер на власта на новото парламентарно мнозинство кое го имаме од изборите во декември“, вели аналитичарот Џељо Хоџиќ.

„Се однесува како министрите да треба да му реферираат нему, во манирот на држави кои не се во основа демократии. Тоа однесување е производ на една висока политичка тензија и политичка хистерија“, изјави политикологот Петар Арсовски.

Груевски одбива да се соочи со реалноста дека повеќе не е премиер – додава Арсовски, а според дел од експертите, во земјава во овој момент постојат многу позначајни прашања со кои политичарите треба да се занимаваат.

„Македонија се наоѓа во тешка и длабока системска криза, не само институционална и политичка, туку и криза на сите вредности и институции и тој се однесува како тоа воопшто да не го засега. Зборува за услови во некое си училиште, кога целата држава не се знае дали ќе пламне во било кој момент“, додава Арсовски.

„Сметам дека ова може да трае и подолго и можат да отидат навистина далеку, дури и да направат дестабиизација на државата со цел да не дојде денот кога треба да одговараат за работите кои ги правеле овие десет години“, додава Хоџиќ.

Во кое својство лидерот на ВМРО- ДПМНЕ го посетил домот „Гоце Делчев“ од партијата не одговорија. Нема ниту одговор од владата зошто заменик- министерот Ристовски му дава отчет на Груевски, наместо на техничкиот премиер Емил Димитриев.

Само за потсетување, во изминативе години, студентите неколкупати реагираа на страотните услови за живеење во домот „Гоце Делчев“, и на другите домови. Владата претходно најави реконструкција на домовите, но тоа ветување ги проби сите ветени рокови, а и оваа зима студентите го поминаа времето делумно во студ и темница./тв 24