Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжат судењата за случаите „Таргет-Тврдина“, „Титаник“ и „Плацеви на Водно“.
„Титаник“
Овој случај се однесува на изборни нерегуларности.Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
„Таргет-Тврдина“
Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, покрај Мијалков, Јанкулоска, Грујевски и Јакимовски, обвинети се и началничката Надица Николиќ, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.
„Плацеви на Водно“
Според обвинението поранешниот премиер Никола, Груевски е обвинет за делата „перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев се во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.