Во Куманово почнува Малинскиот фото фестивал

од Vladimir Zorba
62 прегледи

Во Фото клубот „Куманово“ вечерва ќе биде отворен Четвртиот фестивал „Малински Фото Фестивал“.

За време на тридневниот фестивал ќе бидат изложени околу 500 фотографии, а ќе се одржат и промоции, поставки и предавања.

 

 

– Идејата на двајца вљубеници во фотографската уметност од Куманово од пред четири години, преточена во пилот проект, прерасна во респектабилен и репрезентативен настан кој го носи името Малински фото фестивал, во чест на првата фамилија фотографи од Куманово, изјави Жаклина Стефановска од Фото клубот „Куманово“.

Поставките на фотографии, предавањата и фото проекциите ќе се одржуваат во Центарот за култура „Трајко Прокопиев”, Галеријата на град Куманово, Народниот театар на Куманово, Домот на култура „Лазар Софијанов“ во Кратово, Музејот на град Кратово и просториите на ФК Куманово.

– Програмата на овогодинешниот фестивал ќе биде проследена со две предавања од страна на Драгослав Мирковиќ и Зоран Ѓорѓевиќ, меѓуклупска изложба „Круг”, клупска изложба на ФК Куманово „Тумба” како и на ФКК Битола и МОФ од Турција, самостојна изложба на Бојан Петровиќ – Бокац, Драгослав Мирковиќ и Душко Јовановски. Исто така на фестивалот со свои фото проекции ќе се претстават и Владимир Јовановски, Марина Крстиќ, Боб Дивајн, Горан Којадиновиќ, Бурак Сенбак, Томас Окониевски, проекција на фотографии на клупска изложба на ИРАН П.А.Ф и други, изјави Дарио Королија од Фото клубот „Куманово“.

Изложбите се од ревијален карактер, освен „Круг” која има натпреварувачки карактер. Оваа година се натпреваруваат членовите на фото клуб Куманово и фото клуб Бујукчекмеџе од Турција.