Руската полиција притвори најмалку 118 учесници во денешните демонстрации во центарот на Москва, каде илјадници лица се собраа на протест против корупцијата на власта, наведуваат британските медиуми.

Полицијата во Санкт Петербург, вториот по големина руски град, притвори десетици учесници на денешните демонстрации против корупцијата, кои ги свика рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Тоа за британските медиуми го изјави очевидец на апсењата, додека друг очевидец наведе дека на демонстрациите што Навални ги свика во престолнината Москва бил употребен биберспреј и дека се уште не е јасно кој го пуштил гасот.
Московската полиција првично приведе најмалку 15 лица, од околу повеќе од 1.000 демонстранти кои се собраа на Пушкиновиот плоштад и со тоа го блокираа патот кон Кремљ.
Полицијата со мегафони ги повикуваше насобраните да си заминат од плоштадот.
ТАСС од Пушкиновиот плоштад, исто така, пренесе дека полицијата почнала да ги апси учесниците на протестот, кои на неодобрениот собир ги извикуваа познатите опозициски пароли.
Во нивна близина се наоѓаа голем број луѓе кои сакаа на истото место да го прослават Денот на Русија.
Руската полиција. претходно, пред влезот во неговиот стан, непосредно пред почетокот на протестот во Москва, го приведе опозицискиот лидер, Алексеј Навални, соопшти неговата сопруга на Твитер. 
Портпаролката на Навални изјави дека струјата во неговата канцеларија е исклучена, пренесуваат британските медиуми.
Навални во последен момент ја промени локацијата на претходно одобрениот протест во Москва, по што обивинителството го предупреди дека полицијата е подготвена да реагира на „провокациите и нередите“ на новиот непријавен собир во Тверската улица во центарот на градот.
Тој изјави дека властите го спречиле да изнајми озвучување што било потребно за пријавениот собир на другата локација.
Московската полиција претходно предупреди дека сите провокативни акции на демонстрантите ќе бидат сметани за закана за јавниот ред и дека веднаш ќе бидат сузбиени, наведуваат американските медиуми.