Политичките партии ЛДП, Демократски сојуз и ДОМ кои сега се дел од владината коалиција најавуваат дека на локалните избори ќе настапат самостојно.Неодамна, лидерите на овие партии информираа дека водат преговори за заеднички настап.
За тоа која е причинат за нивниот самостоен настап и дали сметаат дека како трета опција на изборите ќе ја покажат вистинската слика за тоа колку тежат опозицијата и владејачката парија, „Локално“ поразговара со пратеничките Маја Морачанин од ДОМ и Моника Зајкова од ЛДП.
-Причината за донесување на одлуката да настапиме самостојно на претстојните локални избори е за да ја зголемиме политичката понуда. Како партија направивме анализа и според неа сметаме дека граѓаните заслужуваат и треба да имаат либерална опција, а со тоа и поширок спектар за избор. Одлуката за ваков самостоен настап е зрел и демократски чин зад кој стоиме како партија. Отворени сме и разговараме за заеднички настап со останати партии од центарот, здруженија на граѓани, но и поединци кои имаат слични определби со либерал – демократите, вели Зајкова.
Според неа со самостојниот настап ќе им се овозможи на граѓаните нова можност за избор која ќе биде надвор од традиционалните партии како што се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
-Токму ние ќе им дадеме таква опција, конечно да гласаат за граѓанскиот центар. Факт е дека тоа не значи дека “големите“ партии ќе добијат онолку колку што тежат, бидејќи тие во своите коалиции вклучуваат етнички партии, други свои сродни партии од левицата и десницата така што тие се уште ќе имаат на свое конто еден поширок спектар на гласачи. Целта е да им дадеме на граѓаните можност за избор, а не да бидеме нечија мерилка, објаснува пратеничката од ЛДП.
Зајкова вели дека сакаат да направат концепт кој нема да биде црн или бел затоа што граѓаните се уморни од такви концепти.
-Може да водиме разговори за коалиција со партии кои го прифаќаат граѓанскиот концепт за проевропска држава, независно дали се дeл или се надвор од актуелната владина коалиција. Сакаме да направиме концепт кој нема да е црн или бел, затоа што граѓаните се уморни од такви концепти. Потребни се либерални вредности и прогресивни политики во ова општество кои ќе дојдат до израз а само така ќе бидеме рамо до рамо со останатите држави во Европа, објаснува таа.
Лидерката на Зелената партија ДОМ, Морачанин вели дека нивната партија веќе ги има започнато подготовките за самостоен настап на претстојните локални избори, согласно одлуките од стратешкото планирање на партијата.
-Отворени сме за соработка со граѓански здруженија и партии со кои споделуваме слични вредности и програмски приоритети. ДОМ нема објавено јавен повик за кандидати за градоначалници и носители на советнички листи. Конечната одлука за кандидатите за советници и градоначалници, согласно Статутот, ќе ја донесе Централниот одбор на партијата, вели Морачанин.
Пратеничката објаснува дека целата на нивната партија е преку поголемото учество во креирањето и спроведувањето на локалните политики, да се придонесе за реализирање на потребите на граѓаните за поквалитетен и поздрав живот.
-Во контекст на нашите заложби за демократизација на општеството, подобра претставеност и поголемо влијание на граѓаните во локалната самоуправа, зголемена лична одговорност на советниците, како и постигнување родов паритет, ќе поднесеме Предлог-закон за измени на Изборниот законик. Со измените се предлага воведување отворени листи на кандидати за советници и подеднаков број жени и мажи на листите за советници и пратеници, вели Морачанин.
Пратеникот Павле Трајанов неодамна во изјава за медиумите рече дека се водат преговори помеѓу неговата партија ДС со ДОМ и ЛДП за заеднички настап на изборите кои би требало да се одржат во октомври и дека неговата партија веќе објавила повик за кандидати за градоначалници и советници.
Оваа тројна коалиција доколку се договори планира да настапи со заеднички советнички листи, но и со заеднички кандидати за градоначалници во многу општини низ државата, со цел да биде алтернатива на СДСМ и ВМРО, но и на Левица.
Б.М.