Во новата година, Македонија со нова Влада

од Берта Китинска
196 прегледи

Во четвртокот Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова Влада.

– Ми треба уште еден допис, кому да дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски во интервју за Канал 5.

За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник.

Веќе е познато дека министерот за здравство Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за образование и наука Мила Царовска нема да бидат дел од новата влада.

Министерката Мила Царовска веќе најави дека нема да биде дел од новата влада.

Донесов одлука да не учествувам во новата Владата со новиот мандатар, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите, рече Царовска.

Министерката за одбрана пред неколку дена изјави дека нема да биде дел од новата Влада.

– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска.

Таа потсети дека пред осум месеци се повлекла од партиската функција заменик-претседател на СДСМ оти не се согласувала со дел од политиките, кои според неа, придонеле за пораз на локалните избори и не очекува работите да се сменат.
Воедно и Филипче кажа дека веднаш по изборот на новата Влада, ќе се врати на својата основна професија, на Клиниката за неврохирургија.

-Ова беше едно големо искуство, но доста е од политика. Веднаш по завршување на владината реконструкција, се враќам на мојата основна професија како неврохрируг во Клиничкиот Центар, рече денеска Филипче во изјава за ТВ 24.

Веќе во „Click Plus“ на ТВ21 министерот за внарешни работи најави дека си заминува од партиските функции, а неизвесна е неговата функција во Владата.

„Тој избор сепак треба да го направи од можеби нови луѓе, затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим се со цел да не го обременуваме ниту претседателот ниту новиот тим. Сепак треба можеби други луѓе, нови луѓе. Кога зборуваме за нови луѓе не мислам за луѓе кои што не растеле, не се граделе низ структурите на партијата, луѓе кои што имаат може и повеќе енергија и една поинаква визија, а ние ќе бидеме секако тука, рамо до рамо да помогнеме“, вели Оливер Спасовски.