Во Пехчево прием на децата од градинката „7 Септември”

од desk2
116 прегледи

По повод Светската недела на детето која традиционално се одбележува првата недела од месец октомври, прием на децата од градинката „7 Септември” денеска организираше градоначалникот на општина Пехчево, Драган Тренчовски.

Вработените во општината ги запознаа најмалите за значењето и функцијата која ја има општината на локално ниво.

Упатувајќи им порака за што поголема дружба помеѓу самите нив, градоначалникот Драган Тренчовски, им одговори на децата на сите интересни прашања за плановите на локалната самоуправа во однос на нејзиното урбанистичко уредување, изградба на паркови и многу други прашања.

– Минувајте го слободното време во дружење, спортување и учење, бидејќи моќта е во знаењето. Сакајте ги своите родители, сакајте го своето семејство и почитувајте ги најблиските. Општината е достапна во секое време и сите можат да ја посетат кога сакаат, а посебно се радувам на ваквите посети на дечињата кои се нашата иднина, нашето најголемо богатство, оние на кои најмногу им се радуваме и ги сакаме, рече Тренчовски.

Од градинката во знак на благодарност на Тренчовски му подарија рачна изработка на слика, додека за возврат дечињата од градоначалникот добија пригодни подароци