Во Полска уапсен руски професионален играч на хокеј под обвинение за шпионажа

од Stefanija Kuzmanovska

Полска уапси руски професионален играч на хокеј на мраз под обвинение за шпионажа, соопштија обвинителите во петокот, додавајќи дека тој е 14-то лице кое е уапсено од шпионски синџир.

Играчот на полскиот прволигаш е приведен во јужниот полски регион Шлезија, се вели во соопштението на обвинителството. Играчот и неговиот тим не се јавно идентификувани. Обвинителите соопштија дека тој пристигнал во Полска во октомври 2021 година.

Полска, клучен западен центар за воено снабдување на Украина, вели дека станала главна цел на руските шпиони и ја обвинува Москва дека се обидува да ја дестабилизира земјата.

„Руски шпиони влегуваат еден по еден“, напиша на Твитер министерот за правда Збигњев Зиобро.

„Фатен шпион кој дејствувал под маската на спортист. Русинот беше играч прволигаш“, додава тој.

Според обвинителите, тој извршил активности вклучително и идентификување на критичната инфраструктура, за што добил пари. Тој ќе биде задржан во истражен затвор, а му се заканува казна затвор до десет години.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Москва побарала објаснување од Полска за апсењето на рускиот државјани.

Полска во март објави дека разбила руска шпионска мрежа што оперирала во земјата и уапсила девет лица за кои рече дека подготвувале саботажа и ги надгледувале железничките линии кон Украина.

Во април, таа соопшти дека воведува привремена зона на исклучување од 200 метри околу терминалот за течен природен гас (LNG) во Свинујшие, наведувајќи ја загриженоста за руската шпионажа.

Слични содржини