Во поплавите во Калифорнија загинаа 17 лица, доаѓа уште поголемо невреме (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Невидениот бран обилни врнежи од дожд кој зафати голем дел од американската сојузна држава Калифорнија претвори цели населби во езера, поплави бројни згради и усмрти најмалку 17 луѓе.

Моќното невреме предизвика силен ветер, силен дожд и снег, како и поплави и лизгање на земјиштето, а десетици илјади домови останаа без струја. Околу пет милиони луѓе беа во опасност од поплави во средата, додека се предвидува доаѓање на уште едно големо невреме, објавија локалните медиуми.

Северна Калифорнија беше погодена од седмиот по ред бран на обилни врнежи од Божиќ, што ја влоши ситуацијата во државата.

Официјални лица објавија дека досега 17 лица загинале во државата поради обилните дождови и невремето, пренесоа американските медиуми. Смртните случаи најчесто се предизвикани од сообраќајни несреќи, паѓање дрвја и поплави поради лошите временски услови.

Експертите проценуваат дека невремето досега предизвикало штета од една милијарда долари. Повеќе од половина од окрузите во Калифорнија прогласија состојба на природна катастрофа.

Американскиот претседател Џозеф Бајден на 8 јануари одобри прогласување вонредна состојба поради силните бури, ветрови и дождови во сојузната држава Калифорнија.

Слични содржини