Кина нареди истрага за пожарот во болница во Пекинг во кој загинаа 29 лица, еден од најсмртоносните во главниот град во последните години, но многу објави на социјалните мрежи за инцидентот беа избришани бидејќи луѓето поставуваа прашања за доцнењето со известувањето за веста.
Меѓу жртвите, 26 биле болнички пациенти, рече официјалниот претставник, додавајќи дека пожарот избувнал во крилото каде се сместени критично болните пациенти.
Драматични видеа од луѓе кои користат врзани чаршафи за да се спуштат надолу по зградата за да избегаат од чадот и пламенот, беа видени на социјалните мрежи откако пожарот избувна околу 13 часот во вторникот во болницата Чангфенг.
За време на спасувањето, евакуирани се 71 лице. До 18 часот загинаа 29 лица, објави „Пекинг дејли“. Според локалните извештаи, пожарот бил изгаснат половина час подоцна.
Владата во Пекинг најави дека во среда напладне ќе одржи прес-конференција. Локалните медиуми јавија дека истрагата е во тек.
Властите во средата го блокираа пристапот до болницата. Можеше да се видат скршени и изгорени прозорци, а на местото на настанот биле распоредени полициски сили, вклучително и полиција во цивилна облека, изјавија очевидци на „Ројтерс“.
Објавите на социјалните мрежи за пожарот кои кружеа на WeChat неколку часа беа или цензурирани или избришани, според проверките на „Ројтерс“.
Во една сè уште видлива објава, болницата беше критикувана дека на својата официјална сметка на WeChat во февруари се фалела дека е подготвена во случај на пожар.