Во рускиот напад на Харков утрово загина 10-годишно дете

од Stefanija Kuzmanovska

Едно дете загина, а најмалку 16 лица се повредени утринава во руските напади врз Харков, соопштија украинските власти.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, на Телеграм напиша дека детето било пронајдено под урнатините на станбената зграда и им изрази сочувство на родителите и роднините, пренесува „Интерфакс Украина“.

Шефот на регионот Харков, Олех Синехубов, изјави дека загинало 10-годишно момче, пренесува „Униан“.

„Под урнатините пронајдено е 10-годишно дете, момчето, за жал, починало. Според првичните информации, повредени се 16 лица, меѓу кои и едно 11 месечно дете. Спасувачите работат на местото на ударот и ги расчистуваат урнатините“, рече Синехубов.

Полицијата на Харковската област соопшти дека утринава во Харков биле регистрирани два погодока и дека, според првичните податоци, станува збор за руски ракети од типот Искандер.

Украинските медиуми јавија дека утринава во Харков можеле да се слушнат експлозии, а во моментот на првите извештаи за напади во областа, немало предупредување за воздушен напад.

Слични содржини