Вчера беа соопштени имињата на општините и населбите од Скопје кои по петок навечер ќе останат без вода, се до санирање на главниот цевковод во градот. Според информациите од ЈП „Водовод и канализација“, со резерви на вода треба да се снабдат граѓаните од десната страна на реката Вардар, односно од „СП Планет“ во Ѓорче Петров, па кај Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), па сѐ до Зелениково и Студеничани.
Вода во Скопје во сабота ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, од Пластичарска до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров, од „СП Планет“, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.
Од Претпријатието информираат дека изготвиле сложен оперативен план кој вклучува санација на уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод Ф-1600 милиметри. Затворањето ќе биде направено на локација во кругот на касарната во Ѓорче Петров, при што ќе се исклучи водоснабдувањето на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Ова затворање не се случува често, последниот пат било во 1991/1992 година, а зафатот е неопходен за решавање на дефекти од овој тип.
Неизвесно е колку време ќе трае санацијата на дефектот, но, според градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска нема да трае подолго од една обична санација.
-Од „Водовод“ веќе известија иницијално. Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Сите оние кои што од политички или било кои побуди сакаат да креираат неизвесност или страв меѓу населението, апелирам тоа да не го прават. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие. Нема да биде ништо надвор од сите останати процедури што ги имаме при санација на не толку сериозни дефекти низ градот, рече вчера Арсовска на прес-конференција пред акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.